Најмалку четири лица загинаа во судирите на првиот ден од гласањето на општите избори во Индија, соопштија денеска властите на земјата.
Полицијата соопшти дека двајца активисти на владејачката партија Телугу Десам во сојузната држава Андра Прадеш биле убиени во судир со поддржувачи на регионалната опозициска партија Индиски национален конгрес (ИНЦ), а еден претставник на изборната комисија бил убиен во напад на бунтовниците во североисточниот дел на Индија, според наводите на Изборната комисија, а еден лице било убиено од владините сили за време на протестите во спорниот Кашмир.
Насилни судири биле пријавени и на други места во државата Андра Прадеш, каде што избирачите гласаат за 25 членови на Долниот дом на Парламентот на Индија (Домот на народите) и 175 пратеници во Парламентот на сојузната држава.
Најмалку 15 апарати за електронско гласање биле оштетени од страна на некои незадоволни гласачи за време на гласањето во неколку држави, изјави официјален претставник на Изборната комисија.
Гласањето, исто така, денеска започна и за две пратенички места во Кашмир, кој е поделен меѓу Индија и Пакистан, и за кој и двете земји тврдат дека им припаѓа целосно.
Изборите во индискиот дел на Кашмир минуваат со зајакнати безбедносни мерки, но и со повици за бојкот од страна на муслиманските сепаратисти, кои велат дека изборите се незаконски. Вооружени полицајци и паравоени сили под полна опрема за разбивање демонстрации ги чуваат гласачките места и околните патишта.
По затварањето на изборните места во Кашмир, избувна насилство, а владините сили отворија оган врз демонстрантите, при што загинаа еден тинејџер, а беа повредени најмалку пет лица во северозападниот дел на Хандвара, соопштија полицијата и медицинските служби.
Протести против Индија и судири, исто така, се пријавени во северниот дел на Палхалан.
За време на изборите во Индија 900 милиони регистрирани гласачи во околу еден милион гласачките места избираат 543 пратеници за Долниот дом на Парламентот ( Лок Сабха), а на актуелниот премиер Нарендра Моди му требаат 272 за да обезбеди втор петгодишен мандат.
Изборите во Индија кои почнаа денеска ќе завршат на 19 мај.