Административен работник во полициска станица во Париз со нож уби четворица колеги пред да биде застрелан од полицијата.
– Напаѓачот на возраст од 45 години убил тројца полицајци и вработена во администрацијата, по што бил застрелан од полицаец – соопшти парискиот обвинител.
Тој додаде дека домот на напаѓачот бил претресен и дека антитерористички обвинители ја проценуваат ситуацијата, пренесе „Ројтерс“.
Обвинителот не кажа кој би бил можниот мотив на напаѓачот.
Напаѓачот бил вработен во полициската администрација, а нападот се случил по расправија во двор на полициска станица, изјавија полициски извори за француските медиуми.
Извори од француската полиција соопштија дека напаѓачот изгубил контрола и почнал со нож да ги боде полицајците кои се наоѓале околу него.
– Еден од колегите го уби лицето одговорно за нападот – изјави за БФМ шефот на локалната полиција, Лоик Травер.
Нападот се случил во полициска станица во близина на катедралата Нотрдам, а местото на настанот го посетија и претседателот Емануел Макрон и премиерот Едуард Филип.
Метро-станицата во близина на нападнатата полициска станица е затворена од безбедносни причини, а областа е оградена со полициски ленти.