Четворица од деветмината каталонски лидери, кои се во затвор поради нивната улога во обидот за отцепување на Каталонија, денеска беа префрлени во затвори во областа согласно одлуката на новата шпанска Влада, чија цел е намалување на тензиите меѓу Мадрид и Барселона.
Меѓу сепаратистите, кои се преместени во затвор на 70 километри северно од Барселона, се поранешниот потпретседател на каталонската Влада, Ориол Жункерас, лидерите на сепаратистичките здруженија Жорди Санчес и Жорди Куишарт, како и поранешниот регионален министер за надворешни работи Раул Ромева.
Одлуката за префрлање на шестмина од деветте уапсени каталонски сепаратистички лидери беше донесена во понеделникот, неколку дена пред закажаната средба на шпанскиот премиер Педро Санчез и претседателот на каталонската Влада, Ким Тора.
Се очекува поранешната претседателка на каталонскиот Парламент, Карме Форкадел и екс-министерката за труд, социјални работи и семејство Долорес Баса до вечер да пристигнат во затворот во близина на Фигерас, на 140 километри од Барселона.
Каталонското Министерство за правда соопшти дека с е очекува останатите тројца сепаратистички лидери да бидат префрлени во Каталонија следната недела.