Случајот на Евелин Хернандез го привлече вниманието на светската јавност кон законите за забрана за абортус во Ел Салвадор, со што слични предлози за усвојување на ваквата законска практика се дискутираа во САД, додека малку е познато дека екстремните гледишта за забрана на абортусот и за контрацепција на државно ниво потекнуваат од романскиот лидер Николае Чаушеску, кој ги воведе во 1966 година.
Откако Хернандез беше осудена на затворска казна од 40 години за намерно прекинување на бременоста и убиство на плодот, таа по 33 месеци поминати во затвор беше прогласена за невина, а судот ја поништи казната поради недостаток на докази.
Забраната за абортус, пак, доведе до пораст на популацијата во Романија, но и до трагична смрт на околу 10.000 жени кои до 1989 година нелегално абортираа, а стотици илјади деца завршија во сиропиталишта.
Но, американската сојузна држава Алабама го надминува и Чаушеску. Единствен случај во кој жените од Алабама можат да абортираат е доколку бременоста претставува смртна опасност по животот на мајката. Законодавни тела разговараа и за воведување казни за абортус, а екстремните предлози би вклучувале затворски и смртна казна за жените кои абортираат, па дури и во случаи на силување и инцест.
Изгласувањето на слични закони претходната недела се разгледуваше и во сојузната држава Тенеси, а 16 други сојузни држави исто така дадоа слични предлози за законот за абортус. Во 1973 година, абортусот беше легализиран во сите држави на САД. Носењето на законот за абортус во Алабама предизвика масовни протести, а жените протестираа облечени во мотивот на ликовите од дистопискиот роман „Приказната на робинката“, во кој владее тотална христијанска теократија.
Со ваквиот закон, САД би наликувале на Ел Салвадор, земја која има целосна забрана за абортус од 1998 година. В.Т.