Турција ќе работи на отстранување на тензиите меѓу Иран и Соединетите американски држави и е во контакт со обете страни, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Уште откако беше убиен најистакнатиот ирански командант, Чавушоглу рече дека разговарал на телефон со неговите ирански и американски колеги за настанот.
Чавушоглу денеска одржа состанок на кој говореше за надворешната политика во 2019 година. Тој оцени дека убиството на Касим Сулејмани во Ирак предизвикало сериозен ризик и закана за мирот и стабилноста на регионот.
– Вложуваме интензивни напори за намалување на американско-иранските тензии преку дипломатски пат – вели Чавуоглу.
Чавушоглу нагласи дека неговата земја секогаш ја преземала улогата на лидер во сите чекори кои се правеле за мирот.
– Во наредните денови заедно со другите земји ќе продолжиме да вложуваме напори за решавање на овој проблем и за намалување на тензиите. Како што знаеме, в среда во Истанбул доаѓа рускиот претседател Владимир Путин. Нашиот почитуван претседател со Путин ќе разговара на овие теми. Нашата заедничка загриженост е Ирак да не се претвори во бојно поле за други, трети земји. Тоа е голем ризик за Ирак и за нашиот регион. Продолжуваат нашите контакти со Ирак. Во телефонскиот разговор забележавме дека и ирачкиот претседател Берхем Салих има иста загриженост – додаде турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.