Циклонот „Идаи“ предизвика голема катастрофа во јужниот дел на Африка. Последиците од оваа временска непогода ги почувствуваа повеќе од стотина илјади луѓе, констатираат од Обединетите нации (ОН), а пренесува Би-би-си.
Од временската непогода погодени се Мозамбик, Зимбабве и Малави, а поплавени и целосно уништени се домовите на голем број на луѓе.
Претседателот на Мозамбик, Филипе Ниуси изјави дека ова е хуманитарна катастрофа од голема пропорција и потврди дека постои можност дека повеќе од 1.000 луѓе загинале по минувањето на циклонот минатата недела.
Циклонот „Идаи“ предизвика и лизгање на земјиште во близина на градот Беира во провинцијата Софала во четвртокот, поради ветришта кои се движеа со брзина до 177 километри на час.
– По сè изгледа дека ова е една од најголемите катастрофи предизвикана од временска непогода која ја погодила јужната хемисфера на Земјата – рече Клер Нулис од метеоролошката агенција на ОН.
Кристијан Леиндмејер од Светската здравствена огранизација (СЗО) пак, рече дека неопходна е логистичка подршка за земјите и луѓето погодени од циклонот.
Владата на Мозамбик преку соопштение потврди дека досега има изброено 200 жртви, а 100 илјади луѓе имаат потреба од спасувачи во близина на Беира.
Снимките од леталата кои го надлетуваат регионот покажуваат дека дури 50 километри од регионот е под вода откако реката Бузи се излеа од своето корито, информираа од хуманитарната организација „Сејв д чилдрен“.
Гувернерот на соседната провинција Маника, Мануел Родригес изјави дека постои итна потреба од спасувачки екипи за луѓето кои сè уште се заробени и останати во погодениот регион.
– Ситуацијата е многу тажна и комплицирана, со оглед на тоа што го забележавме додека го надлетувавме регионот. Видовме луѓе кои се во многу тешка ситуација и бараа помош. Дел од нив стоеа на покривите на нивните поплавени куќи, а голем дел од нив беа и во водата – констатираше Родригес.
Според информациите од властите, се смета дека огромна бројка луѓе кои живеат во погодениот регион повеќе од три дена немаат храна и чиста вода за пиење.