Нова единица на ЦИА се обидува да ја пронајде причината за серијата мистериозни инциденти во кои американски службеници низ светот се соочија со здравствени проблеми. Необјаснетите инциденти се случија на Куба, во Кина, Русија, но и на други локации, објавува „Њујорк тајмс“.
Единицата ќе соработува со Стејт департментот како и со други разузнавачки агенции за да собере нови докази за инцидентите, како и да ги преиспита веќе постоечките докази, со цел да извлече заклучоци дали станувало збор за напади, што ги предизвикало повредите и кој е одговорен.
– ЦИА соработува заедно со другите владини агенции за да ги зголеми напорите за откривање на одговори поврзани со необјаснетите глобални здравствени инциденти кои ги погодија американските службеници. Добросостојбата на сите наши службеници е приоритет на агенцијата – кажа гласноговорникот на ЦИА, Тимоти Барет.
Во изминатите неколку години, разузнавачите и американските дипломати биле погодени од т.н. „синдром Хавана“, со симптоми кои вклучуваат главоболки, губење на помнењето и вртоглавици.
Неколкумина службеници на ЦИА и дипломати кои работеа во американската амбасада во Хавана имаа такви симптоми ов 2016 и во 2017 година. Во 2018 година, повеќемина Американци кои работеа во Гвангжу, Кина, ги почувствуваа истите симптоми. Трета група на службеници на ЦИА, од кои дел работеа на сузбивање на активностите на руските разузнавачки служби во повеќе држави, исто така имаа здравствени проблеми.
Во извештајот на американската Национална академија на науки беше наведено дека микробраново оружје најверојатно ги причинува здравствените проблеми. Но, дел од експертите се скептични за ова тврдење.
Единицата на ЦИА која беше формирана во декември минатата година, е составена од медицински експерти, специјалисти за човечки ресурси и разузнавачи чија задача е откривање на причината за инцидентите.