Во осиромашената Венецуела милиони гладуваат секојдневно, додека други не можат да дојдат до здравствена нега поради недостигот на медицински залихи, па така водата и лековите станаа бесценети артикли во битката за власт во јужноамериканската држава, пренесува „Вашингтон пост“.
Опозицискиот лидер поддржан од САД, Хуан Гуаидо, неодамна соопшти преку Твитер оти хуманитарна помош вредна повеќе од 100 милиони долари е собрана за неговата држава. Но, само мал дел од помошта, односно 85 илјади следувања биле доставени до Венецуелците, додека помошта вредна милиони е оставена преку границата со Колумбија.
Од друга страна, претседателот на Венецуела Николас Мадуро кој тврди дека хуманитарната криза е измислена од медиумите и од политичките непријатели, додава и оти доставувањето на намирниците претставува чекор кон „интервенција“ на САД и на државите што го поддржуваат Гуаидо. Потпретседателката Делси Родригез отиде и подалеку во нејзините тврдења, нарекувајќи ја помошта понудена од САД и од другите држави, „биолошко оружје“ кое „е отровно и предизвикува рак“. Владата на Мадуро соопшти и дека Кина и Куба ќе испратат 933 тони помош во Венецуела.
– Кога има потреба за помош, природно е прашањето да добие политичка конотација. Сликата за блокирањето на помошта е ужасна за Мадуро и владата сега реагира со прифаќање на помош од други држави. Тоа е политичка класика. Тие ќе се обидат да ја сменат сликата со внесување на помошта, за да се справат со ефектот од американските санкции и блокади – вели Луис Висенте Леон, политичкиот аналитичар и директор на анкетната агенција „Датаналисис“.
Хиперинфлацијата што ја измачува Венецуела во изминатите неколку години ги направи основните намирници недостапни, предизвикувајќи економска криза што ги тера Венецуелците да бегаат од државата.