Основачот и директор на „Хуавеи“, Рен Женгфеи, потврди дека приходите на овој телекомуникациски гигант ќе бидат за 30 милијарди долари помали отколку што е планирано за наредните две години, споредувајќи ја компанијата со тешко оштетен авион, како последица на активностите на американската администрација.
– Никогаш не мислевме дека САД ќе бидат толку одлучни и цврсти за да го нападнат „Хуавеи“ – изјави тој.
Зборувајќи во седиштето на компанијата во Шенжен, Рен потврди дека продажбата на мобилните телефони во странство паднала за 40 отсто. Иако не даде дополнителни детали, портпарол на „Хуавеи“ подоцна објасни дека се работи за пад во продажбата од 40 отсто во периодот мај-јуни по заканите со санкции од САД.
Но, според Рен, продажбата во Кина расте. „Хуавеи“ стана втор најголем продавач на смартфони минатата година, пред „Епл“, а веднаш зад „Самсунг“, како и најголем светски дистрибутер на опрема за телекомуникациски мрежи.
Во 2018, „Хуавеи“ продал вкупно 206 милиони смартфони, половината во странство, а останатото во Кина.
Кинескиот телекомуникациски гигант се соочува со длабока криза откако започна трговската војна помеѓу САД и Кина.