Ситуацијата во пренатрупаниот мигрантски камп Мориа на грчкиот остров Лезбос, би „можела да се претвори во вистинска хуманитарна катастрофа“ со доаѓањето на зимата, предупредија денеска од Хјуман Рајтс Воч(ХРВ).
– Политиката на задржување што ја подржува ЕУ ја влошува долгогодишната агонија на барателите на азил и го претвора Лезбос во затвор на отворено – изјави Тодор Гардос, истражувач во европскиот оддел на ХРВ.
Тој кон средината на октомври го посетил островот и разговарал со барателите на азил кои живеат во кампот, при што се уверил во „пренатрупаноста, несоодветното сместување и очајот“.
– На илјадници луѓе кои бараат заштита во Европа им се ускратени основните права на хуман и достоинствен третман на Лезбос – додал Гардос.
Според податоците на Агенцијата за бегалци при ОН, на почетокот на ноември во кампот Мориа, кој има капацитет за само 3.100 луѓе, регистрирани се околу 6.500 баратели на азил.