Протестот што почна со мирен марш и пеење на песни прерасна во насилен облик на демонстрации, проследен со прекумерна полициска сила и пропагандни војни, што претходно беа обележја на протестите познати како Евромајдан во Украина, со кои незадоволните граѓани на Хонгконг повлекуваат паралела, пишува „Кварц“.
Бунтот на киевскиот плоштад Мајдан се случи неколку месеци пред појавата на „чадор-револуцијата“ во Хонгконг во 2014 година, за која украинските протести претставуваа своевидна појдовна точка. Пет години подоцна, во Хонгконг се случуваат уште посилни протести кои имаат одредени сличности со украинското искуство.
– Демонстрантите во Хонгконг се заинтересирани за Мајдан бидејќи тие настани ги просветлуваат и едуцираат. Тоа е како Давид против Голијат. Демонстрантите во Хонгконг се угледуваат на оние во Украина поради нивниот нескротлив дух на отпорот – вели Ли Нгао, кој раководи со фејсбук-страница што објавува содржина поврзана со протестите во Хонгконг.
Згора, учесниците во демонстрациите во Хонгконг црпат инспирација од документарецот „Зима во оган“ од 2015 година, посветен на случувањата во Украина.
Засега, сепак, постои една значителна разлика помеѓу двете движења, а тоа е отсуството на смртоносно насилство во Хонгконг.
Со одолговлекувањето на протестите во Хонгконг, без политичко решение на повидок, неминовно е протестите да се засилат, според познавачите на состојбата. Полицијата веќе одговори на немирите со солзавец и со гумени куршуми, а посочи и дека е подготвена да користи и водени топови. Засега, нема назнаки дека Пекинг ќе испрати воени сили да ги смири протестите, и покрај зголеменото стравување од ваквиот исход.