Британскиот пилот Ерик Свафер (53) ќе остане запаметен како херој, бидејќи успеал да го насочи дефектниот хеликоптер настрана од толпите луѓе околу стадионот „Кинг пауер“, со што веројатно спасил стотици животи пред леталото да се сруши, во несреќата во која тој и уште четири лица го загубија животот, во Лестер во саботата, пренесува Си-ен-ен.
Полицијата на Лестер соопшти дека немало други повредени во несреќата, настрана од луѓето во хеликоптерот, во кој бил и сопственикот на англискиот фудбалски клуб Лестер, Вичаи Шриваданапраба, како и девојката на Свафер, Изабела Лехович, која била и негов копилот.
Очевидци ги забележале маневрите на пилотот, непосредно пред трагедијата.
– Не знам како го стори тоа, но тој успеа да го забави вртењето на хеликоптерот, пред леталото да биде занесено во ќош од паркингот – кажа Ден Кокс, новинарот на „Сан“.
Херојскиот чин на Свафер не ги изненадува оние што го познавале искусниот пилот. Тој бил обучен да управува со повеќе видови на летала, а бил и инструктор за справување со итни ситуации при летање.
– Летав заедно со Ерик во период од четири месеци и научив безмалку се што знам од него. Тој беше пилотот со најголемо знаење и сестраност од сите што ги познавав. Свафер беше подвижна енциклопедија на авијатичарското знаење и еден од најзабавните луѓе кои имав чест да ги запознаам – кажа капетанот Санџај Мензиес кој работел заедно со Свафер во 2013 година.
Мензиес открива и дека донирал значителни суми на пари во добротворни цели, како што тоа го сторил давајќи ја својата едногодишна плата на индиска хуманитарна организација.
Свафер имал илјадници летови пред несреќата, вклучувајќи ангажмани за приватни летови во Грција, Австрија и Тајланд во изминатава година.