Палестинската радикална организација Хамас повика на мирни протести во обид да ја смири состојбата по ракетните напади врз територијата на Израел од Појасот Газа и возвратните воздушни напади на израелските сили.
Врховниот национален комитет, контролиран од Хамас, ги повика младите „да се соберат и мирно да испратат порака за посветеност“.
Според Комитетот, мирниот протест ќе ги „одземе изговорите од рацете на непријателот, кои чекаат можност да извршат злосторства против нашиот народ“.
Но, и покрај повикот на Хамас, денешниот протест на границата помеѓу Израел и Газа прерасна во насилни демонстрации.
Претставници на службите за брза помош изјавија дека најмалку осум лица биле повредени откако израелските сили употребиле солзавец и гумени куршуми.
Израелската армија соопшти дека околу 2.000 Палестинци се собрале на неколку места на границата.
Претходните денови, Израел изврши серија воздушни напади врз Појасот Газа, како одговор на ракетните напади на палестински милитанти врз израелска територија. При израелските напади загина еден Палестинец, а тројца беа повредени.
Од март, Палестинците речиси редовно протестираат долж границата на Појасот Газа со Израел. Демонстрациите, кои често вклучуваат каменување и друго насилство, имаат за цел да извршат притисок врз Израел да ја укине блокадата кон оваа палестинска територијата.