Светската јавност е загрижена од динамиката на хакирањата глобално и од тоа кои се целите на удар. По биолошката војна со вирусот, сега на човештвото очигледно му се заканува електронска војна со крадење документи и информации. Како да му се застане на патот на сајбер-криминалот е прашањето што ги мачи и светските велесили
Додека светот повеќе од една година се мачи да излезе од канџите на пандемијата на ковид-19, стигнаа нови мрачни предвидувања за ризиците и опасностите со кои може да се соочи човештвото во иднина. Имено, во расчекор од само неколку недели безбедноста на интернет-просторот беше сериозно нарушена во повеќе земји од Европа и во Америка. Последен од низата хакерски напади во сајбер-просторот каде што беа загрозени приватните електронски пошти на неколку милиони корисници беше неодамнешниот глобален напад врз „Мајкрософт“, за кој американската софтверска компанија обвини кинеска група хакери. Како што јавува „Јуроњуз“, при сајбер-нападот врз американската компјутерска компанија бил погоден и европскиот банкарски регулатор, а ова тело во понеделникот информира дека нивните сервери за електронска пошта се погодени како резултат на глобалниот сајбер-упад во „Мајкрософт“. Европскиот банкарски регулатор, кој се смета за клучно тело на ЕУ за финансиска регулација, исто така информира дека презема дополнителни мерки за да ја врати функционалноста на системот за електронска пошта, но засега не знае колку приватни мејлови се загрозени, а според пишувањата, станува збор за неколку милиони.
Германија најпосакувана цел на „источните“ хакери
Во меѓувреме додека „Мајкрософт“ смета дека зад нападот стоеле кинески хакери, а Пекинг ги негираше обвинувањата за тоа, во извештај објавен вчера на дипломатската служба на Брисел се наведува дека руските хакери ја имаат за цел Германија повеќе од која било друга земја во ЕУ како најпосакувана цел за ширење дезинформации и системски сајбер-напади. Извештајот доаѓа во моментот кога САД ја обвинуваат Русија за координирана интернет-кампања за дезинформација дизајнирана да ја поткопа вербата во вакцините против коронавирус развиени од САД и од Западот. ЕУ вели дека од крајот на минатата година се забележани повеќе од 700 случаи на сајбер-напади во Германија, додека Франција била нападната повеќе од 300 пати, а Италија околу 170. На ваквите обвинувања Москва остро реагираше, негирајќи ги извештајот на ЕУ во целост и посочувањата на Брисел дека Русија е вклучена во кампањи за дезинформации на Стариот Континент.
Нападот врз „Мајкрософт“ почеток на нова глобална криза?
Во контекст на случувањата, „Блумберг“ на оваа тема пишува дека всушност кинескиот сајбер-напад врз „Мајкрософт“ почнува да се претвора во светска криза. Според магазинот, сајбер-нападот се случува само месеци, откако руски хакери влегоа во девет американски федерални агенции и направија упади во 100 компании во САД. Магазинот оценува дека двата напада ја демонстрираат ранливоста на современите мрежи во светот од познавањата на луѓето што работат за Русија и за Кина, тоа, според магазинот, ќе се претвори во нова глобална сајбер-криза, која по пандемијата ќе биде опасност за човештвото. Во своја анализа, пак, специјализираниот портал „Мета-комплајенс“ пишува дека човештвото треба да очекува дека новата криза ќе биде од електронска природа.
– Општоприфатен факт е дека наредната светска војна ќе биде хибридна, а во неа нападите, но и шпионирањата и разузнавањата, ќе ги вршат хакерите, а тие ќе бидат насочени кон бизнисите и владите на државите, но и функционирањето на системите и институциите на земјите – пишува порталот. Медиумот истакнува дека животот со ковид-пандемијата создаде околности сите процеси во едно општество и држава да станат поврзани на интернет.
Инаку, Советот за национална безбедност на САД околу нападот врз „Мајкрософт“ соопшти дека компромитираните компании треба да преземат понатамошни чекори, охрабрувајќи ги сите организации да утврдат дали биле погодени од виртуелниот напад. Првичните процени, според американската безбедносна служба, сугерираат дека околу 30.000 американски организации можеби биле погодени од хакерскиот напад. Безбедносните службеници на реномираната софтверска компанија „Мајкрософт“ изјавија дека нападот бил насочен пред сѐ кон американските компании, крадејќи информации од организации како „центри за истражување на заразни болести, правни фирми, универзитети, политички аналитички центри, но и невладини организации“. Ова, според пишувањата на американските медиуми, е еден од поголемите хакерски напади со кои се соочила американската јавност.