Дел од најдлабоките институционални тајни на САД можеби биле разоткриени во големата хакерска акција за која западните медиуми ги обвинуваат елитните руски владини оперативци, пишува „Гардијан“. Токму затоа се поставува прашањето што било откриено – од нуклеарните тајни до податоците за вакцините против ковид-19 и за оружените системи од следната генерација.

Ќе бидат потребни недели, а можеби и години за дигиталните истражувачи да го утврдат обемот на хакирањето на американските владини агенции, бидејќи тоа било извршено од професионалци кои ги сокриле трагите. А одредени аспекти на кражбата можеби никогаш нема да бидат забележани.

Цел на хакерскиот напад биле Стејт департментот, министерствата за финансии, внатрешна безбедност и трговија, како и националните здравствени институти. А дури и Пентагон го користел компромитираниот софтвер преку кој упаднале хакерите, според соопшение на американската влада во кое се вели дека се „издадени насоки и директиви за заштита“, без да се прецизира дали дел од системите на Пентагон биле хакирани, поради безбедносни причини.

Во месеците по упадот хакерите внимателно ваделе податоци, честопати користејќи и енкрипција, за да не биде јасно што е украдено. Експертот за сајбер-конфликт од универзитетот „Џонс Хопкинс“, Томас Рид, вели дека ефикасноста на неодамнешниот хакерски упад може да биде споредена со тригодишното руско хакирање врз владините цели, вклучувајќи ги Американската вселенска агенција (НАСА) и Пентагон, од 90-те години на минатиот век. Тогашната истрага утврдила дека доколку украдените документи би биле на хартија и натрупани едни врз други, тие би достигнале трипати поголема височина од Вашингтонскиот споменик кој е висок 169 метри.

Во сегашниот случај, пак, реалната проценка би била дека се однесени купишта документи со големина од неколку вашингтонски пспоменици, според Рид, кој додава и дека хакерите веројатно уште не знаат како би ги искористиле документите.

Администрацијата на Доналд Трамп не излезе со детали за хакираните агенции. А досега не се јавија ниту погодени компании од приватниот сектор. При хакерски напади, разузнавачите вообичаено бараат информации за најновите технологии за оружје и ракетни одбранбени системи, како и досиеја за владините вработени и потенцијалната регрутација на шпиони.