Австриец кој побегнал од нацистите за време на Втората светска војна, во својот тестамент, најголемиот дел од богатството го препишал на селото кое со години го чувало за да не биде депортиран.
Станува збор за Ерик Швам, кој починал на 90-годишна возраст, а властите на Шамбон сир Лињон на југоистокот на Франција се изненадиле кога виделе колку пари им оставил.
Градоначалникот на местото, Жан-Мишел Ејро одбил да каже колку пари се препишани, бидејќи истите и натаму се пребројуваат, но еден од наследниците на Австриецот за локален портал изјавил дека се сретнал со Швам и неговата сопруга за да разговараат за подарокот и открил дека станува збор за сума од околу два милиона евра, пренесе Си-би-ес њуз.
– Ова е голема сума на пари за селото – изјавил Ејро за „Франс прес“.
Швам и неговото семејство пристигнале во 1943 година и биле скриени во училиштето сè до 1950 година.
Подоцна тој се оженил со Французинка од областа на Лион, каде што живееле, а Ејро рече дека Швам замолил парите да се наменат за едукација на младите, особено во училиштата.
Околу 2.500 Евреи биле скриени во ова село, така што израелскиот меморијален центар на холокаустот „Јад Вашем“ ги нарече жителите на Шамбон сир Лињон „праведните меѓу народите“.