Француската полиција уапси 16-годишник во комуната Лур кога тој објавил пораки на социјалните мрежи во кои ги фалел постапките на чеченскиот исламски терорист што го обезглави професорот Самуел Пети, пренесува „Фигаро“.
Обвинителството во Весул објави дека средношколецот бил приведен во неделата кога ја искажал својата поддршка за терористичкиот напад на 20 октомври, само неколку дена по убиството на Пети.
– Секој неверник што сака да го извалка исламот заслужува да ја има истата судбина како Пети. Алаху акбар – напишал тинејџерот.
Обвинителот на Весул, Емануел Дупик, не појасни на која мрежа на социјалните медиуми е објавена пораката.
– Средношколецот ги призна фактите. Сега знаеме дека секоја порака објавена на интернет може да има последици. Значи, треба да има системска пресметка со овој вид пораки. Изгледа дека станува збор за личност што е преобратена и радикализирана, но нема муслиманско потекло – додаде тој.
Таткото на ученик во класот на Пети повикал на кампања против професорот пред неговото убиство. Подоцна беше откриено дека таткото, идентификуван како Брахим Чнина, бил во директен контакт преку „Вацап“ со терористот што го уби Пети, 18-годишниот бегалец од Чеченија, Абдулах Анзоров.
Чнина и друг познат исламист, Абделхаким Сефриуи, кој исто така учествуваше во кампањата на социјалните мрежи против Пети, беа уапсени по убиството.
По терористичкиот напад, владата на претседателот Емануел Макрон вети дека ќе ги затвори исламистичките џамии и исламистичките групи и уапси десетици луѓе поради пофалби за терористичкиот напад.
Еден човек, затвореник во затвор во Амиен, беше осуден на осум месеци кога го пофалил убиството на другите затвореници, велејќи им: „Добро за него, тој (терористот) добро ја заврши работата; стој понастрана од мојата религија, од мојот пророк“.