Францускиот „спајдермен”, по име Ален Робер (56) за еден час се искачи на една од највисоките згради во Лондон, Херон Тауер (233 метри), и тоа – без јажиња. Тој користел само креда и сопствените мускули.
– Не сум луд, иако можеби ова некому му се чини налудничаво – рече авантуристот за Скај Њуз пред да се впушти во ризичниот потфат.
Со ова необично хоби тој се занимава од свои 11 години, па досега има „освоено“ над 150 врвови од облакодери низ светот, меѓу кои и Бурџ калифа во Дубаи – највисоката зграда во светот, Ајфеловата кула и Сиднејската опера. Честопати се искачува без дозвола, па повеќепати бил и апсен за кршење на законите поврзани со тоа во соодветната држава.
Лондонската полиција денеска го почека Робер да се симне од врвот на Херон Тауер, но не се соопштува дали тој ќе биде обвинет за некаков прекршок.