Француските рибари денеска накратко ги блокираа пристаништата во Франција, сообраќајот на траекти преку Ла Манш и влезот во железничкиот тунел под тој канал. Тоа го направиле со цел да ја попречат испораката на стока во Велика Британија.
Рибарите од Франција се гневни и на британските власти кои не им доделиле повеќе дозволи за риболов во водите на таа земја, но и на владата во Париз која не направила повеќе за заштитата на нивните права.
Спорот меѓу Париз и Лондон за дозволите за риболов во периодот по брегзит е еден од факторите на тензијата меѓу двете земји, кои исто така меѓусебно се обвинуваат дека не сториле доволно за да се спречи смртта на најмалку 27 мигранти од брод што потона во средата во Ла Манш.
Риболовната индустрија не е толку важна економски, туку симболично за двете земји.
Претставниците на француските рибари наведуваат дека денешните блокади се симболичен чин на предупредување, бидејќи Британците имаат пристап до европскиот пазар, а Французите немаат пристап до британските води.
Денешните блокади создадоа голема гужва, додека официјалните лица ја опишуваат ситуацијата како мирна.
Компанијата која стопанисува со Евротунелот преку кој се превезуваат стоки и разни возила, воведе дополнителни 12 товарни возови со цел да се елиминираат доцнењата.
Пред брегзит, француските рибари можеа слободно да ловат риба во британските води.
Тие сега мора да имаат посебна дозвола од британските власти за да ловат риба во одредени области. Повеќето француски бродови ги добија овие специјални дозволи, но спорот се уште трае поради неколку од нив чие барање беше одбиено.