Претставниците на француската влада се прилагодуваат со новиот начин на поздравување наместо со ракување, поради опасност од ширење на новиот коронавирус, пренесе весникот „Паризијен“.
Францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот Едуар Филип дискретно си мавнаа со рацете, додека првата дама Бриџит Макрон веќе не им приоѓа на соговорниците со срдечно пружена рака.
Шефицата на кабинетот на премиерот, Ан Клер, им наредила на своите соработници за време на состанокот меѓу соговорниците да има еден метар растојание, а секој да си ја чисти својата работна маса два до три пати во денот.
Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Жан-Батист Лемоан стави рака на срцето како знал на поздрав, додека некои функционери го усвоија индискиот начин на поздравување со споени дланки.
Во Франција на граѓаните им се советува да избегнуваат ракувања и бакнувања во лице. Во земјата се заразени 285 лица, од кои четворица починаа од вирусно воспаление на белите дробови.
Кинезите дизајнираа роботска рака за преглед на заразени од коронавирус
Научниците од еден од најдобрите кинески универзитети дизајнирале роботска рака за која велат дека би можела да спасува животи среде епидемијата на коронавирус.
Машината се состои од роботска рака на тркала што може да изврши ултразвучен преглед, да земе брисеви од усната шуплина и да слушне звуци произведени од органите на пациентот, за што обично се користи стетоскоп.
Tаквите задачи ги вршат самите лекари, но со помош на таков робот опремен со камери, медицинскиот персонал не мора да биде во иста просторија со пациентот, дури може да биде во друг град.
– Лекарите се многу храбри, но овој вирус е едноставно многу заразен – рече Цингхуа Зенг Гангти, професор по роботика на универзитетот, кој додаде дека роботската рака може да се користи и за најопасните задачи.
Изработката на една роботска рака чини 72.000 долари.