Францускиот премиер Едуар Филип објави забрана за „жолтите елеци“ на авенијата Шанзелизе и уште во два града, бидејќи во саботата при немирите беа ограбени и запалени луксузни продавници, а сменет е и шефот на париската полиција.
Филип изјави дека забраната ќе се применува на неодредено време во делови од градот, кои беа „најмногу погодени“ од грабежи и уништување во Париз, Бордо и Тулуз, од кога во ноември почнаа протестите на „жолтите елеци“.
Францускиот премиер, исто така, информира дека оваа недела на позицијата шеф на париската полиција, наместо Мишел Делпеш ќе биде поставен Дидие Лалемен.
Тој најави и промена во безбедносната стратегија, според која, полицијата ќе има поголема иницијатива на терен да преземе мерки против демонстрантите кои прават нереди и да ги растера.
Филип прецизираше дека полицијата ќе користи нови средства, вклучително и беспилотни летала и видео надзор за да го спречи насилството, а бунтовниците да се најдат пред суд.
Филип, од друга страна, вети дека „ништо нема да се промени“ кога се во прашање мирни, одобрени протести.
Тој нови безбедносни мерки ги најави на вчерашнито состанокот со францускиот претседател Емануел Макрон и високи официјални претставници на безбедност, а нивната цел е да се избегне повторување на насилството од саботата, кога демонстрантите предизвикаа пожари опасни по живот, ограбија луксузни продавници и ја нападнаа полицијата околу Елисејските полиња.