Францускиот премиер Едуар Филип денеска се сретна со претставници на главните политички партии во земјата во врска со протестите против Владата.
Средбата е дел од консултациите на премиерот за да се најде излез од кризата. Повеќе од 100 луѓе беа повредени во Париз, а 412 беа уапсени за време на протестите изминатиов викенд во цела Франција. Десетици автомобили беа запалени.
Претседателот на Франција Емануел Макрон, кој се врати од самитот на Г-20 во Буенос Аирес, вчера одржа вонредна средба со премиерот Едуар Филип.
Протестите против Владата продолжија и денеска, откако вработените во службата за итна медицинска помош излегоа на улиците и се собраа во близина на зградата на Парламентот, за да го искажат своето незадоволство од условите за работа.
Прес-службата на францускиот премиер соопшти дека тој утре ќе се сретне со претставници на протестното движење на „жолтите елеци“. И во Парламентот подоцна оваа недела ќе се дискутира за кризата.
Лоран Нунес, државен секретар на француското министерство за внатрешни работи, пак, потврди дека Владата не планира да воведе вонредна состојба поради протестите.