Францускиот премиер, Едуар Филип, денеска поднесе оставка пред реконструкцијата на владата што ќе ја спроведе претседателот Емануел Макрон за зајакнување на „позелените“ економски политики и привлекување гласачи пред потенцијалната нова кандидатура за шеф на државата. Неговото заминување се очекува да го отвори патот за реконструкција на владата, објави „Јуроњуз“.
Филип ќе продолжи да ја предводи владата сè додека не биде назначен новиот кабинет, објави Елисејската палата.
Овој потег ги потврди шпекулациите за реорганизација на владата, откако францускиот претседател рече дека следната фаза од неговиот мандат ќе биде проследена со нов владин тим. Шпекулациите за позицијата на Филип почнаа од средината на јуни.
Филип (49) беше премиер на Франција од 15 мај 2017 година.
Тој е адвокат по професија, долгогодишен член на Унијата на народното движење, која подоцна стана Републиканска партија.
Анонимни, информирани кругови во палатата Матињон тврдат дека Филип има амбиции да се кандидира на следните претседателски избори.
Во Франција, вообичаено е премиерот да поднесе оставка пред реконструкцијата на кабинетот, но тој може да биде именуван повторно на таа функција.