Париз се обидува да ја ублажи загубата од пропаднатиот договорот со Канбера
По пропаднатиот договор за продажба на подморници и друга поморска воена техника на Австралија, Франција сега се врти на европска почва, со продажбата на три нови фрегати (воени бродови) на Грција. Ова го соопштија грчките власти, откако ја информираа јавноста дека потпишале договор со Франција за купување три нови брода. Ова доаѓа во време кога Париз се обидува да ја надомести загубата од договорот за продажба на подморници на Австралија.
Како што информира Ројтерс, договорот за стратегиска одбранбена и безбедносна соработка е потпишан од лидерите на двете земји и е дел од напорите за зајакнување на европската воена автономија.
– Договорот придонесува за европската безбедност, за зајакнување на европската стратегиската автономија и суверенитет, а со тоа и за меѓународниот мир и безбедност – рече францускиот претседател Емануел Макрон на прес-конференција со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Грчкиот премиер Мицотакис за новинарите изјави дека овој договор ќе ги поврзува двете земји со децении.
Според информациите од медиумите, Грција ќе плати околу три милијарди евра за трите нови фрегати „белхара“, а Атина дополнително може да купи уште една фрегата по евентуален нов договор со Париз.
Инаку, Грција оваа година веќе нарача 24 борбени француски авиони од типот „рафал“, со што стана првата европска земја што ги купи овие авиони.
Француските медиуми објавија дека договорот со Грција може да вреди до пет милијарди евра, што ќе ја ублажи загубата од пропаднатиот договор со Австралија.