Француската Влада ќе го повика турскиот амбасадор во Франција на разговор за да ја објасни изјавата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, кој му порача на францускиот претседател да ја провери својата мозочна смрт.
Ердоган денеска изјави дека коментарите на францускиот претседател Макрон за НАТО одразуваат болен и плиток поглед на нештата.
– Се обраќам од Турција до францускиот претседател Емануел Макрон и тоа ќе го повторам и во НАТО. Прво, прегледај ја сопствената мозочна смрт – порача турскиот претседател.
Ердоган, жестоко го нападна својот француски колега, кој неодамна оцени дека НАТО е во состојба на мозочна смрт.
Француското претседателство соопшти дека турскиот амбасадор ќе биде повикан во Министерството за надворешни работи за да ја објасни изјавата и додаде дека Франција и другите сојузници на НАТО чекаат јасни одговори од Турција во врска со нејзините намери во Сирија.