Министерот за економија и финансии на Франција, Бруно Лемер, вети построги мерки за контрола на странските инвестиции, барем до крајот на 2020 година, бидејќи ЕУ се бори против сериозен економски пад предизвикан од пандемијата на коронавирус.
Говорејќи на „Ла Шен Инфо“, Лемер вети дека ќе ја заостри контролата врз инвестициите што се влеваат во локалните фирми од земји надвор од европскиот блок. Тој најави намалување на прагот на странски инвестиции на домашни оперативни фирми од 25 на 10 отсто.
– Биотехнолошките компании, на пример, оние кои работат на вакцина против Ковид-19, исто така ќе бидат вклучени во оваа уредба за странски инвестиции во Франција – посочи министерот.
Тој се осврна на проблемите со кои во моментот се соочува француски „Ербас“, притоа напоменувајќи дека „Ер Франс КЛМ“ треба да продолжи да биде добар клиент на „Ербас“.
„Ербас“ објави загуба од 481 милиони евра во првиот квартал. Компанијата пушти илјадници работници на принуден одмор и бара милијарди во заеми за да ја преживеат кризата, а нејзиниот извршен директор Гијом Фори, посочи дека кризата без преседан во авиоиндуструјата, предизвикана од намалениот воздушен сообраќај поради пандемијата со коронавирусот, сè уште е во рана фаза. Тој призна дека ќе треба долго време да ги убеди клиентите да се вратат во авионите, дури и откако ќе заврши кризата.
Франција, Италија и Шпанија – најтешко погодените држави во ЕУ – и неколку други земји сугерираат дека државите од ЕУ би можеле заедно да соберат средства за да се извлечат од колапсот. Сепак, овие т.н. „корона-обврзници“ беа грубо отфрлени од Германија, Холандија и од голем број други држави.