Европската Унија нема да финансира боцкави жици и огради на границата за да го спречи доаѓањето на мигрантите, како што бараат дванаесет земји, вклучувајќи ги Литванија и Австрија, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.
„Бев многу јасна дека Комисијата и Парламентот веќе подолго време се согласуваат дека нема да финансираат боцкави жици и огради, рече таа по самитот на 27 земји во Брисел, на кој се дискутира за ова прашање.
Литванија гради ограда од боцкава жица по должината на границата со Белорусија за да го запре бранот мигранти за чие оркестрирано доаѓање го обвинува белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Литванскиот претседател, Гитанас Наузеда, во Брисел рече дека таквите мерки се неопходни на краток рок за управување со кризата.
Ако Литванија изгради ограда, може да смета на нашата солидарност. Не е на Литванците сами да ја финансираат, оцени новиот австриски канцелар Александар Шаленберг, пренесоа агенциите.
Министрите за внатрешни работи на 12 земји (Австрија, Бугарија, Кипар, Данска, Естонија, Грција, Унгарија, Литванија, Латвија, Полска, Чешка и Словачка) напишаа писмо до Комисијата на 7 октомври барајќи од ЕУ да ја финансира изградбата на такви бариери.
„Физичката бариера е еден вид ефективна мерка за заштита на границите, која им служи на интересите на целата Унија, а не само на земјите членки на првата линија“, велат тие.
Комесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, рече дека земјите имаат можност и право да градат огради, но кога станува збор за европското финансирање, „тоа е друга работа“.
Полска, Латвија и Литванија почнаа да градат ограда од боцкава жица на дел од границата со Белорусија.
Унгарија подигна ограда на границата со Србија и Хрватска за време на мигрантската криза во 2015 година, а Словенија го направи истото тоа со Хрватска.