Бил и Мелинда Гејтс се разведуваат. Двајцата објавија изјава на Твитер со која потврдија дека по 27 години на бракот му дојде крајот. Бил и Мелинда Гејтс чие заедничко богатство се проценува на 146 милијарди долари, не соопштија какви се нивните идни финансиски планови, но нагласија дека ќе останат посветени на филантропијата.
– После многу размислување и многу работа на нашата врска, донесовме одлука да го прекинеме нашиот брак. Во текот на изминатите 27 години одгледавме три неверојатни деца и изградивме фондација која работи низ целиот свет за да им овозможи на сите луѓе да живеат здрав и продуктивен живот. Продолжуваме да веруваме во оваа мисија и ќе продолжиме да работиме заедно во фондацијата, но веќе не веруваме дека можеме да растеме во пар во следната фаза од нашите животи – гласи објавата на Твитер.
Тие беа во брак 27 години. Се запознаа кон крајот на осумдесеттите години кога Мелинда се приклучи на компанијата на Бил „Мајкрософт“, а се венчаа во 1994 година. Имаат три деца, а за време на бракот станаа филантропи и ја основаа фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“.
Организацијата потроши милијарди во борбата против заразни болести и поттикнување на вакцинирање на деца.