Италијанската полиција соопшти дека на автопат во јужна Италија од блиндирано возило се украдени 2,3 милиони евра.
Крадците користеле ровокопачи за да го отворат блиндираното возило кое ги превезувало парите.
Возилото, кое од Бари пренесувало пари за пензии кон поштите, крадците го блокирале на патот со два шлепера, а потоа користеле два ровокопачи како отворачи за да дојдат до парите.
Маскираните крадци потоа ги запалиле шлеперите и побегнале со друго возило кое ги чекало.
Полицијата исто така соопшти дека ниту еден од тројцата обезбедувачи на парите кои биле во блиндираното возило не е повреден.