Веста за киднапирањето на 17 христијански мисионери од САД од страна на криминална банда од Хаити, уште еднаш го втурна Хаити во центарот на вниманието на светската јавност, пренесува „Њујорк тајмс“.
Хуманитарната група составена од 16 Американци и еден Канаѓанец беше киднапирана во неделата од банда на Хаити додека посетувала сиропиталиште. Моментната локација на киднапираните останува непозната. Меѓу киднапираните има и пет деца. Американските власти информираат дека ФБИ соработува со американската амбасада на Хаити, како и со локалните власти со цел да ги вратат киднапираните хуманитарци дома.
Се верува дека зад киднапирањето е озлогласената банда „400 Мавозо“. Бандата ја зголеми својата територијална контрола во текот на минатата година, додека владата се справуваше со природни катастрофи и убиството на претседателот Жовенел Моиз во јули. Нивното име значи 400 прости или неискусни мажи. Но, тие ја имаат контролата врз главниот град, голем број бизниси и врз дел од корумпираните политичари. Наводниот водач на бандата е Вилсон Џозеф, по кој полицијата трага веќе една година.
Покрај оваа банда, и другите криминални банди станаа похрабри и посурови по убиството на претседателот. Тие често ги користат киднапирањата како начин за заработка, а од ваквата практика не се поштедени ниту децата или свештениците од католичката црква, што за многумина криминалци во оваа католичка земја претставува грев и не се охрабруваат на таков чекор.
Беснеењето на бандите, како и неспособноста на властите да ги стават под контрола, повторно доведе до дискусијата и за можна воена интервенција на Хаити од страна на друга земја, можеби под надлежност на Обединетите нации. Но, голем број Хаиќани остануваат спротивставени на таквата надворешна интервенција, гледајќи на тоа како повреда на суверенитетот на нивната земја.
– Хаиќаните не сакаат туѓа интервенција во нивната земја, особено поради неуспешната интервенција на Обединетите нации во минатото. Од друга страна, полицијата сега е целосно нефункционална, а бандите го зазедоа Порт-о-Пренс и веројатно се подобро опремени од полицијата – објаснува Роберт Фатон Џуниор, професор на одделот за политика на Универзитетот во Вирџинија.
Киднапираните честопати остануваат заробени од 48 до 72 часа пред да се утврди сумата која ќе биде побарана за нив. Но, помина повеќе од еден ден по киднапирањето кое се случи во саботата, а ниту една криминална банда сѐ уште јавно не побара откуп за ослободување на хуманитарната група.
Изминатите денови, голем број граѓани низ осум града на Хаити излегоа на протести на улиците, со барање од власта да се стави крај на немирите и насилствата во нивната земја. Протестите излегоа од контрола, а демонстрантите палеа гуми и поставуваа барикади. Во главниот град Порт-о-Пренс голем број продавници и бензински пумпи беа затворени, а киднапирањето на хуманитарците само ја зголеми веќе тензичната состојба во земјата.