Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат го усвои законот со кој на претседателот Доналд Трамп ќе му се забрани да ги повлече САД од НАТО. Законот е едногласно усвоен од сите членови во комитетот, а сега треба да биде одобрен и од Сенатот. Сенаторот Тим Кајн од Демократската партија изјави дека законот е одговор на стравувањата дека администрацијата на Трамп активно размислува за повлекување на земјата од Алијансата, пренесува „Гардијан“.
– Свесни сме дека за тоа сериозно се дебатира и сериозно се размислува на највисоко ниво во Белата куќа – порача Кајн, кој е предлагач на законот.
Тој очекува дека законот за блокирање на повлекувањето од НАТО ќе добие голема поддршка во Конгресот и Сенатот.
– Не верувам дека Трамп ќе стави вето на овој закон, бидејќи со тоа ќе испрати многу несреќен сигнал. Од нашите сојузници тоа ќе биде дочекано како дестабилизација и сметам дека тој нема да го стори тоа – истакна Кајн.
Законот има цел да ја пополни правната дупка во американскиот устав, кој предвидува двотретинско мнозинство во Сенатот за ратификација на договорот, но нема одредби што е потребно за повлекување од договорот.