Силна бура пустоши во јужна Италија втор ден по ред и однесе најмалку еден живот, поплавувајќи патишта, полиња и предизвикувајќи лизгање на земјиштето, соопшти полицијата.
Телото на 67-годишно лице е пронајдено во грмушка, далеку од местото каде што последен пат бил виден откако неговиот автомобил се заглавил во вода и кал југозападно од градот Катанија на Сицилија.
По неговата сопруга сè уште се трага, соопштија итните служби.
Италијанскиот метеоролошки сајт објави дека делови од Сицилија и соседна Калабрија биле погодени од редок медитерански ураган, познат како Медикен, со ветрови кои би можеле да дуваат и до 120 километри на час.
Здружението на фармери на Сицилија објави дека во неделата за само неколку часа паднале над 300 милиметри дожд во близина на градот Катанија, што е речиси половина од просечната количина на врнежи што годишно паѓаат на медитеранскиот остров.
Телото за итна цивилна заштита објави највисоко црвено предупредување за северот на Сицилија и јужниот дел на Калабрија и предупреди на потенцијална опасност по живот и материјална штета во тие области.
Училиштата се затворени во многу села и градови, десетици летови се пренасочени од областа, а фериботите меѓу јужните острови се откажани.