Ураганот Доријан прерасна во петта категорија, што значи дека може да предизвика катастрофални последици, јави „АП“.
Националниот центар за урагани во Мајами соопшти дека максималната јачина на ветрот достигнала брзина од 260 километри на час и се движи кон запад со брзина од 13 километри на час.
Премиерот на Бахамите, Хуберт Минис изјави на прес-конференција дека 73.000 лица се загрозени од бурата и ги предупреди жителите на малите острови да се евакуираат, пренесе „Ројтерс“.
Хотелите се затворени, а голем број жители бараат засолниште во црквите, училиштата и други објекти во исчекување на ударот на ураганот подоцна во текот на денот.
Доријан во моментов е оддалечен околу 450 километри источно од Вест Палм Бич на Флорида.
Милиони жители од Флорида до Каролина се во исчекување на ураганот, додека метеоролозите предупредуваат дека Доријан би можел да предизвика сериозни поплави дури и ако не удри директно во копното, наведе „АП“.
Градоначалникот на Мајами, Франсис Суарес прогласи вонредна состојба поради заканите од невремето.