Унгарската министерка за правда, Јудит Варга, се конфронтираше со претставниците на Европската унија поради реакцијата на Унгарија на пандемијата со ковид-19 велејќи дека глобалистичката кампања против земјата нема никаква основа.
Министерката Варга зборуваше на состанокот на министрите на ЕУ преку телеконференција, на кој изјави дека Унгарија треба да очекува извинување од критичарите кои тврдеа дека премиерот Виктор Орбан станал диктатор.
Премиерот Орбан се откажа од своите овластувања во вонредна состојба претходно неделава, враќајќи му ги на парламентот неговите овластувања.
– Не е првпат да бидеме жртва на кампања што нема никаква основа. Но, за среќа, во овој случај, погрешните и лажни информациите очигледно се покажаа погрешни – рече Варга.
Таа додаде дека во идеален свет, Унгарија би добила извинување од критичарите.
Нејзиниот став подоцна беше објавен и во форма на колумна во „ЕУобзервер“.
Премиерот Орбан се соочи со бран критики од медиумите и од разни либерални и левичарски политичари, вклучувајќи ја и поранешната американска амбасадорка во ОН, Сузан Рајс, која побара земјата да биде исфрлена од ЕУ.
И покрај критиките, Унгарија беше поткрепена со извештајот на Европската комисија, во кој се вели дека земјата не прекршила никакви закони и нема правна основа за случајот против владата.
– Но сите медиуми со недели ни велеа дека Унгарија е во основа диктатура. Сето ова е многу збунувачко – рече унгарскиот амбасадор во Ватикан, Едуард Хабсбург, по извештајот на Комисијата.
Иако мерките можеби не беа популарни кај либералните елити, анкетата објавена оваа недела откри дека огромното мнозинство (78 отсто) од Унгарците ги одобриле мерките, при што само девет отсто од испитаниците рекле дека дејствата на владата биле прекумерни.