Странските разузнавачи со години ја набљудуваат тајната канцеларија на третиот кат во седиштето на севернокорејската Работничка партија во Пјонгјанг. Таму, во канцеларијата 39, лидерот Ким Јонг-ун ја продолжи практиката на неговите претходници за наградување на лојалистите во војската и владејачките структури со раскошни подароци, кои вклучуваат пари, автомобили и коњак, објавува магазинот „Тајм“, повикувајќи се на тврдењата на разузнавачи и експерти за Северна Кореја.
Разузнавачите сметаат дека Ким Јонг-ун ги назначил неговата сестра и можна наследничка Ким Јо-јонг и нејзиниот сопруг да го надгледуваат протокот на пари низ канцеларијата 39. Ваквите тврдења добија на значај по отсуството од јавноста на севернокорејскиот лидер, отворајќи го прашањето дали неговата сестра би можела да го наследи.
– Преку нејзината улога во надгледувањето на канцеларијата 39 таа ефективно има контрола врз активноста која е клучна за опстанок на режимот – вели изворот на „Тајм“.
Поголем дел од финансиските активности на севернокорејскиот режим остануваат непознати, и покрај тоа што Вашингтон со години се обидува да ги открие тајните на канцеларијата 39, уште од нејзиното отворање во 70-те години на минатиот век.
Меѓу потфатите на канцеларијата кои се познати спаѓаат неуспешниот обид за шверц на две италијански јахти вредни 15 милиони долари од Кина во Северна Кореја, а се спомнуваат и активности за осигурителна измама, шверц на оружје и фалсификување на пари.
Во текот на годините, санкциите кон Северна Кореја нанесоа удар врз активностите на канцеларијата, но таа изнајде начин да го одржи функционирањето, според експертите.