Украински воен авион „миг-29“ претрпе голема штета кога автомобил влетал во него, соопштија денеска украинската армија и локалните медиуми.
Воздухопловниот центар во Украина посочи дека автомобилот се судрил со авионот кога „мигот“ требало да се паркира на неговата позиција, објави агенцијата „Ројтерс“.
Имало судир и пожар, а инцидентот се случил во средата вечерта, но армијата не открива повеќе детали.
Локалните медиуми објавија дека авионот, кој бил во база во близина на главниот град Киев, претрпел голема штета – оштетени се моторот и трупот.
Според некои неофицијални информации, со автомобилот управувало воено лице кое било под дејство на алкохол.
Украинските вооружени сили и натаму користат авиони и друга воена опрема од советско производство, но во наредниот период планираат да се приближат до НАТО-стандардите.