Вооружените сили на Украина се во состојба на целосна борбена готовност со одлука на началникот на Генералштабот, соопшти денеска Министерството за одбрана.
„Врз основа на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина да се воведе режим на воена состојба, началникот на Генералштабот издаде наредба единиците на вооружените сили да бидат во целосна борбена готовност”, се вели во соопштението на украинското МО.
Поради ситуацијата во Керченскиот Теснец, секретарот на Советот Александар Турчинов во текот на ноќта соопшти за предлогот на претседателот на земјата Петро Порошенко да се воведе воена состојба во траење од 60 дена. Тоа прашање ќе биде разгледано денеска во Врховната Рада, која ќе одржи седница во 16:00 часот по локално време, соопшти претседателот на парламентот Андриј Парубиј.
Порошенко рано изутрина изјави дека на Парламентот ќе му предложи воведување воена состојба откако Русија нападна и задржа три украински воени брода во Црното Море. Доколку биде воведена воена состојба, тоа ќе значи и ограничување на граѓанските слободи и поголеми овластувања на државните институции.
На украинскиот Совет за безбедност и одбрана Порошенко го осуди „налудничавиот акт на Русија против Украина“ и изрази убеденост дека нападот бил изведен со намера.
– Воената состојба не значи објавување војна на Русија и ќе биде воведена само со цел – заштита, истакна Порошенко.
Инцидентот се случил во Керченскиот Теснец на влезот во Азовското Море, при што имаше ранети, а кој предизвика голема ескалација во таа чувствителна зона.
Поради тој инцидент и Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи вонредна седница. Тоа беше побарано и од Москва и од Киев.
Тензиите меѓу Украина и Русија околу Азовско Море ескалира вчера кога Киев ја обвини Русија дека нападнала украински брод и го блокирала пристапот до морето, кој се наоѓа меѓу Крим и источна Украина. Ситуацијата брзо ескалираше. Украина синоќа ја обвини Русите дека задржала три украински брод, а претходно и пукале во нив, во оваа стратешка зона.
Двата блиндирани брода „Бердјанск“ и „Никопол“ и реморкерот „Јани Капу“ се обиделе да влезат од Црното Море во Керченскиот Теснец Теснец. Од вкупно 23 војници на бродовите, шестмина биле повредени во судирите, од кои двајца се во сериозна здравствена состојба, соопшти украинската армија.
Русија го потврди задржувањето на бродовите и „употребата на оружје”, обвинувајќи ги украинските бродови за „вршење нелегални активности во руските територијални води”.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја критикуваше „бандитската акција” на Украина. Таа рече дека прво имало провокации, потоа силен притисок, а потоа обвинувања за агресија од страна на Украина.
Украинската флота соопшти дека однапред ја предупредила Русија за трасата на трите задржани бродови. Според неа, бродовите минале неколку часа во Керчанскиот Теснец, додека танкер за нафта, лоциран под Кримскиот мост, кој поминува над теснецот, го блокирал пристапот до него.
Овој теснец, кој е единствениот воден пат помеѓу Црното Море и Азовското Море, е стратешка оска од огромно значење за Русија и Украина.
Европската унија и НАТО ги повикаа Русија и Украина да покажат воздржаност и да ги намалат тензиите во Азовското Море.
„Очекуваме Русија да ја обнови слободата на движење во Керченскиот Теснец и ги повикуваме сите страни да дејствуваат со максимална воздржаност за веднаш да се намалат тензиите”, се наведува во реакцијата од ЕУ.
Настаните во Азовското Море покажуваат до што може да доведе „пренебрегнувањето на основните правила на меѓународната соработка“, се вели во соопштението од Брисел. ЕУ забележува дека „изградбата на Керченскиот мост (од Русија) беше спроведена без согласност на Украина и е уште едно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет”.
ЕУ „не ја признава и нема да ја признае нелегалната анексија на Крим од страна на Русија”, се заклучува во изјавата.
НАТО соопшти дека целосно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, вклучувајќи ги и правата и на пловење во сопствените територијални води.
НАТО ги повика Русија и Украина на воздржаност и смирување на тензиите во Азовско Море.
– НАТО внимателно го следи развојот на ситуацијата во Азовско Море и Керченскиот Теснец и ние одржуваме контакт со украинските власти. Повикуваме на воздржаност и намалување на тензиите, изјави портпаролката на НАТО Оана Лунџеску.
– Ја повикуваме Русија да обезбеди слободен пристап до украинските пристаништа во Азовско Море, во согласност со меѓународното право”, истакна таа.