Не сакам некој да помисли дека ова се детски игри. Бројот на тенкови во базите по должината на границата е трипати зголемен. Бројот на војници распоредени по должината на границата исто така е драстично зголемен. Украина се соочува со закана од тотална војна против Русија, порача украинскиот претседател Петро Порошенко по инцидентот во Керчанскиот Теснец

Украинскиот претседател Петро Порошенко предупреди дека на неговата земја ѝ се заканува тотална војна со Русија, по инцидентот во Керчанскиот Теснец. Порошенко ја обвини Москва дека драстично го зголемила военото присуство на границата со Украина, откако викендов руската морнарица заплени три украински брода. Во инцидентот исто така беа приведени и 24 украински морнари, кои се товарат за нелегално преминување на руска територија. Настаните од изминатите денови сигнализираат на ескалација на тензиите помеѓу Москва и Киев околу полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година, пренесуваат светските агенции.

– Бројот на тенкови во базите по должината на границата е трипати зголемен. Бројот на војници распоредени по должината на границата исто така е драстично зголемен. Покрај тоа, Русија го зголеми бројот на воени бродови во Азовско Море, додека, пак, руската војска го зајакна присуството и на Крим – порача Порошенко во телевизиско обраќање.

На Крим, според него, од 2014 година петпати е зголемен бројот на оклопни возила, додека, пак, количеството артилериско оружје е десетпати поголемо.

– Не сакам некој да помисли дека ова се детски игри. Украина се соочува со закана од тотална војна против Русија – додаде Порошенко.

Тој исто така истакна и дека во неделата, по запленувањето на трите украински брода, се обидел телефонски да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, но оти немало одговор.

– Истата ноќ барав разговор со рускиот претседател Путин. Не добив одговор. Затоа морав од Ангела Меркел да побарам да разговара со Путин – наведе шефот на украинската држава.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека немало телефонски разговори помеѓу двајцата претседатели. Тој предупреди на можна ескалација на насилствата.
– Инцидентот може да предизвика разгорување на насилствата во источна Украина – истакна Песков.

Сепак, официјална Москва потврди дека ја засилува одбраната на Крим. Од руското министерство за одбрана соопштија дека на Крим ќе бидат распоредени повеќе противавионски ракетни системи.

– Покрај постојните три, Русија на Крим ќе додаде уште еден систем с-400 – истакна Вадим Астафјев, висок претставник на руското министерство.

Исто така, Ројтерс пренесе дека рускиот воен брод, миноловецот „Вицеадмирал Захарин“ испловил од Црно кон Азовско Море.

Украина, по барање на претседателот Порошенко, во понеделникот прогласи воена состојба во десет од 27 региони во земјата, во траење од 30 дена. Станува збор за области по должината на границата со Русија. Високи политички претставници од Германија, Австрија, Полска и Естонија сигнализираа на можноста за воведување нови санкции против Русија поради инцидентот во Керчанскиот Теснец, за кој Западот стравува дека може да предизвика поширок конфликт. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика Русија и Украина на максимална воздржаност и избегнување дополнителна ескалација на ситуацијата. Москва го обвини Киев за провокација, истакнувајќи дека украинските бродови не ги почитувале правилата. Од друга страна, пак, украинските власти тврдат дека нивните бродови се упатиле кон Керчанскиот Теснец во согласност со меѓународното право и спогодбата потпишана со Русија.


Трамп ќе ја откаже средбата со Путин во Аргентина?

aАмериканскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да го откаже состанокот со рускиот колега Владимир Путин на самитот на Г20 во Аргентина, поради поморскиот конфликт помеѓу Русија и Украина.
Трамп истакна за „Вашингтон пост“ дека очекува целосен извештај од својот тим за национална безбедност во врска со запленувањето три брода на украинската морнарица и апсењето на нивните посади.
– Можеби нема да го имам тој состанок. Не ми се допаѓа таа агресија, воопшто не ја сакам – порача шефот на Белата куќа.
Од друга страна, Кремљ соопшти дека Вашингтон не ја известил Москва дека е откажан состанокот на двајцата претседатели и дека подготовките за таа средба на претстојниот самит на Г20 и понатаму се во тек.
– Москва е запознаена со изјавата на Трамп и по тој повод не добила никаква информација од САД. Состанокот е договорен. Не сме добиле некои други информации од нашите американски колеги – изјави Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател.
Трамп би требало да се сретне со Путин на маргините на самитот на Г20 во Буенос Аирес, кој ќе се одржи наредните два дена.