Украинскиот претседател Петро Порошенко денеска изјави дека неговата Влада ќе воведе ограничувања за руски граѓани како одговор на заплената на три украински бродови и апсењето на нивните екипажи.
Порошенко на Твитер напиша дека воведувањето на 30-дневната воена состојба во некои делови на Украина нема да ги ограничува патувањата или повлекувањето пари на Украинците, но кон руските граѓани ќе има некои ограничувања.
– Ќе има ограничувања кон руските граѓани, кои верувам дека ќе бидат целосно оправдани, истакна Порошенко без да прецизира кои ќе бидат тие мерки.
Украинските власти веќе одбија голем број руски граѓани да влезат на украинска територија.
Украинската гранична служба денеска соопшти дека на Крим ќе можат да патуваат само украински граѓани, откако беше воведена воаена состојба која ќе трае до 26 декември.
– Во врска со воведувањето на воената состојба, административната граница со привремено окупираниот Крим може да се помине само со украински документи, изјави портпарол на украинската гранична служба.
Порошенко претходно го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека сака да изврши анексија на цела Украина и го повика НАТО да распореди воени бродови во Азовското Море.