Убиството на градоначалникот на Гдањск, Павел Адамович (53), ги откри поделбите во полското општество кои се поизразени од кога било, уште од падот на комунизмот во државата, пишува европското издание на магазинот „Политико“.
Човекот што со нож го уби Адамович на добротворен концерт во неделата, е опишан како ментално нестабилен ограбувач на банки, кој ја обвинувал поранешната партија на градоначалникот за времето што го поминал во затвор.
– Смртта го илустрира размерот на политичките тензии кои опстојуваат во нашата држава – вели членот на Европскиот парлемент Јарослав Валенса.
Адамович беше либерален критичар на владејачката партија Закон и правда. Тој ги поддржуваше правата на ЛГБТ-заедницата и прифаќањето на мигрантите кои бараат азил, што е во спротивност со идеологијата на Закон и правда. А неговото убиство се толкува како „симптом на болеста во полското општество и политика“.
Градоначалникот бил изложен на малтретирање од страна на провладините медиуми и на десничарските организации, а ултрадесничарската Сеполска младина издаде и „сертификат за политичка смрт“ на Адамович, пред две години.
Згора, настанот во добротворни цели на кој учествуваше Адамович, беше уште поголема цел на неговите политички противници. Основан од музичарот Јиржи Овсјак во 1993 година, „Големиот полски божиќен оркестар“ беше најголемата невладина хуманитарна организација во Полска. Таа организираше концерти чија цел претставува собирање на помош за болните деца. Но успехот на Овсјак придружуван со либерализмот, го направи цел на десничарските и провладини организации, како и на дел од католичкото свештенство. Овсјак ја напушти организацијата поради заканите упатени кон него, во пресрет на смртта на Адамович.
Убиството на градоначалникот, пак, ја шокираше Полска, а бројни политичари повикуваа на смиреност и спречување на политизација на злосторството. Убиството ги откри и длабоките поделби во државата кои потекнуваат од авионската несреќа од 10 април 2010 година, кога тогашниот полски претседател Лех Качински и други државни претставници загинаа при уривањето на авион во Смоленск, Русија. Дел од полската јавност ја припишуваше несреќата на грешките направени од пилотите, додека други сметаа дека таа е резултат на наводен заговор меѓу политичките противници на Качински во Полска и руските власти.
– Поделбите нема да исчезнат, туку напротив, тие ќе се продлабочат – смета политичкиот аналитичар Марек Мигалски.