Командантот на проруските бунтовници во Доњецката област, која се отцепи од Украина, Александар Захарченко загина во експлозија на бомба во ресторан во Доњецк.
Администрацијата на лидерот на самопрогласената Доњецка народна република (ДНР) потврди дека Захарченко „се здобил со смртни повреди“ по експлозија во ресторанот „Сепар“, при што биле повредени уште најмалку три лица.
Убиството на Александар Захарченко го потврди и Доњецката информативна агенција, која е официјален медиум на таканаречената ДНР.
Во април 2014 година Захарченко заедно со други сепаратисти участвуваше во операција за преземање на зградата на градската администрација во Доњецк. Подоцна истата година тој беше избран за „премиер“ и „претседател“ на самопрогласената Доњецка народна република.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека има основи за сомнеж дека зад убиството стои Киев.
– Во Доњецк во рамките на терористички напад загина Александар Захарченко. Наместо да ги исполни Минските договори и да најде пат за регулирање на внатрешниот конфликт, киевската страна реализира терористичко сценарио компликувајќи ја и без тоа тешката ситуација во регионот, рече Захарова.
Според неа, меѓународната заедница треба да бара од Киев непристрасна истрага.
Украинската служба за безбедност соопшти дека верува оти убиството на Захарченко е меѓу „бунтовниците и нивните руски спонзори“.
– Сите обвинувања кои можат да се слушнат од руска страна не се точни, рече Јелена Глитљанска, портпаролка на украинската безбдносна служба.