Лидерот на партијата за хашко единство, Арнод ван Дорн е уапсен под сомнение дека бил вмешан во организација на атентат врз холандскиот премиер Марк Руте, соопшти денеска безбедносната служба на премиерот.
Ван Дорн е ослободен по полициско сослушување, пренесе Би-би-си.
Во соопштението се наведува дека политичарот бил сомнителен бидејќи се наоѓал во истиот дел од градот каде што бил и премиерот.
Адвокатот на Ван Дорн, Анис Буманџал, за Би-би-си изјавил дека неговиот клиент не може да биде уапсен, бидејќи не постои основано сомнение дека е виновен.
– Полицијата не беше разумна во начинот на кој постапуваше по случајот. Беше многу драматично, го држеа 30 часа – рече Буманџал.
Холандските медиуми вчера објавија дека премиерот Руте добил дополнително обезбедување поради шпекулации дека може да биде цел на напад или киднапирање.
Руте наводно бил следен од луѓе поврзани со криминална група која се занимава со трговија со дрога, објави претходно „Де Телеграф“.
Новинарот на тој весник, Мик ван Вели, за телевизијата НОС рече дека случајот се разгедува многу сериозно.
Телевизијата НОС го потврди извештајот, но холандските безбедносни служби и премиерот одбија да го коментираат.