Министерството за надворешни работи на Полска денеска го повика рускиот амбасадор Сергеј Андрејев поради минатонеделното апсење на вработен во полското Министерство за енергетика, под обвинение дека е поврзан со руски разузнавачи.
Се претпоставува дека уапсениот Марек В. оддавал чувствителни информации за полската стратегија против рускиот гасовод Северен поток 2. Тој беше уапсен во петокот и ќе остане во затвор три месеци.
Марек В. работеше во полското Министерство за енергетика на стратешки проекти во областа на енергетската инфраструктура и проекти за користење на европски фондови за диверсификација на испораката на гас од Русија. Тој е осомничен дека на Русите им доставувал информации и за идните чекори на полската Влада против проширување на гасоводот Северен Поток на дното на Балтичко Море.
– Операцијата помина во координација со разузнавачките служби на другите земји членки на Европска унија, а рускиот разузнавач има статус на дипломат во Руската амбасада во Варшава, јави полската државна телевизија ТВП1.
Дел од полските медиуми објавија дека рускиот амбасадор Андрејев е протеран од Полска.
– Без коментар. Одлуката е донесена и за неа ќе информира полската страна, посочи амбасадорот Андрејев.
Полска е против изградба на гасоводот Северен поток 2, кој треба да ја поврзе Русија со Германија преку Балтичко Море и ќе овозможи поголем извоз на гас на своите главни пазари, заобиолкувајќи ги државите на исток.