Припадник на германските вооружени сили со потекло од Авганистан е уапсен во вторник под обвинение дека со години шпионирал за иранската тајна служба, соопшти Сојузното државно обвинителство во Карлсруе.
– Педесетгодишниот припадник на Бундесверот Абдул Хамид С. е осомничен дека во својство на вештак за јазични и останати прашања поврзани со Авганистан при германските оружени сили, до иранската тајна служба доставувал податоци – се вели во соопштението од Обвинителството во Карлсруе.
Електронското издание на „Шпигел“ јавува дека осомничениот со години на иранската тајна служба и доставувал „чувствителни податоци“ за движењето и бројноста на германските единици во Авганистан.
Абдул Хамид С., во рамки на подготовките за заминување во Авганистан, ги обучувал германските војници со јазични и прашања за локалните обичаи и култура.
Многу преведувачи кои во Авганистан работеле за Бундесверот добиваат во Германија азил и вработување во вооружените сили поради опасност што ги демне заради соработка со странските сили.