Украинската полиција уапси неколку лица кои се осомничени за убиството на новинарот Павел Шеремет во 2016 година, но сè уште не е утврдено кои се нарачателите. Меѓу уапсените има ветерани од петгодишната војна со проруските сепаратисти во источна Украина.
Павел Шеремет, роден во Белорусија, беше убиен со подметната експлозивна направа под неговиот автомобил во центарот на Киев на 20 јули 2016 година. Тој важеше за прозападен новинар и гласен критичар на руските, белоруските и украинските власти.
Познат по својата независност, Шеремет работеше за влијателниот украински интернет портал „Украинска правда“ и имаше утринска емисија на радио „Киев“.
Украинскиот претседател, Володомир Зеленски, рече дека иако уапсените се осомничени дека го извршиле убиството, сè уште не се знае кои се нарачателите.
Министерот за внатрешни работи на Украина, Арсен Аваков, рече дека истрагата дала сензационални и шокантни резултати.
– Јавноста мора да ја разбере разликата меѓу патриотизмот и велепредавството – рече Аваков.
Заменик-шефот на националната полиција, Јехвен Ковал, рече дека осомничените имале намера да ја дестабилизираат социјалната и политичката ситуација во Украина преку убиството на познатиот новинар.
Еден од осомничените, Андри Антоненко, објави на Фејсбук дека е уапсен. Антоненко, рок-музичар, бил во специјалните сили во текот на борбите на истокот на Украина. Меѓу уапсените е и Јулија Кузменко, докторка која волонтирала да ѝ помогне на војската на истокот и Јана Дугар, која се борела во судирите.