Германскиот магазин „Шпигел“ објави на својата интернет страница дека денеска уапсениот 20-годишник, осомничен за една од најголемите кражби на податоци во историјата на Германија, со која се погодени стотина германски политичари, ја призна вината, пренесува Ројтерс.
Инспекторот од Канцеларијата на федералната криминалистичка полиција, кој се занимава со неговиот случај, рече дека осомничениот изјавил дека не бил свесен за размерот на последиците на сопствените постапки и дека засега ништо не укажува на било какви врски со странските безбедносни служби.
Германската канцеларка Ангела Меркел е меѓу германските политичари погодени од голем хакерски напад во кој се објавени нивните лични податоци, вклучително и информации за кредитните картички и броевите на мобилните телефони.
Бројот на нејзиниот факс, електронската адреса и неколку писма се меѓу податоците кои протекоа на интернет преку профил на Твитер, за кој не се знае чиј е.