На протестот против рускиот претседател Владимир Путин во Москва уапсена е Јулија Навални, сопругата на главниот противник на Путин, Алексеј Навални. Информацијата за апсењето ја објави самата Јулија Навални на Инстаграм.
– Извинете за слабиот квалитет на сликата, осветлувањето во комбето е лошо – напиша сопругата на Алексеј Навални покрај фотографијата што ја објави на Инстаграм.
Протестите за поддршка на затворениот руски дисидент Алексеј Навални и изразувањето на гнев поради државната репресија започнаа со апсења, пренесуваат агенциите.
Навални во моментов е во истражен затвор каде издржува 30-дневен притвор. Руското правосудство го товари за кршење на условната казна со неговото заминување во Германија на лекување, откако беше отруен со „новичок“.
Во Хабаровск, кој е седум часа пред Москва поради временската разлика, активистите споделија видеа од полицијата како тепа демонстранти и ги става во полициско возило. Градот протестира и против апсењето на популарниот гувернер Сергеј Фургал.
И покрај сибирското студено време, стотици демонстранти излегоа на улиците на Владивосток и Иркутск, извикувајќи: „Ние сме моќни“ и „Путин е лажго“.
Поддржувачите на Навални најавија протести во повеќе од 90 градови низ целата земја, организирани преку социјалните медиуми.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја предупреди јавноста да не учествува во неовластени протести. Покрај тоа, предупеди тој, сите протести поради пандемијата се забранети со месеци.