Жена осомничена дека на американскиот претседател Доналд Трамп му испратила пакет во кој имало рицин е уапсена од федералните власти во неделата, пренесува „Њујорк пост“.
Рицинот е високотоксично соединение извлечено од рицинусовото зрно и често оружје во терористичките заговори.
Осомничената била уапсена од агентите на американската Агенција за царина и гранична заштита на границата меѓу Њујорк и Канада и се очекува да се соочи со федерални обвиненија. Други детали за осомничената не беа веднаш достапни.
Во саботата беше објавено дека федералните власти минатата недела пресретнале плик упатен до Белата куќа во кој се наоѓала отровната материја. Пакетот, кој се чини дека бил испратен од Канада, беше откриен во владиниот објект што ја проверува поштата упатена до Белата куќа и до претседателот Доналд Трамп.
Весникот „Монтреал“ објави дека писмото поминало низ објект за сортирање во Монтреал.
„Направени се два теста за да се потврди присуството на рицин во пакетот“, изјавија извори од полицијата за Си-ен-ен.
Во 2018 година поранешен морнар беше уапсен во Јута за наводно испраќање коверти во кои имало необработен извор на рицин – семе од растението рицинус – до Трамп во Белата куќа и во Пентагон.