Полицијата во Москва денеска ја приведе Љубов Собољ, водечка опозициска фигура, додека се движеше кон неовластен митинг во знак на протест против одбивањето на изборните органи да регистрираат независни кандидати за изборите во Градскиот совет во септември, пренесува „Гардијан“.
Собољ беше приведена во центарот на Москва и однесена во полициско комбе.
Љубов Собољ, која е адвокатка и видео блогерка, е една од одбиените кандидати од гласачкото ливче. Таа 21 ден штрајкувала со глад и го повикувала народот да се приклучи на денешниот протест.
Независната група за мониторинг ОВД-инфо тврди дека на денешните протести полицијата уапсила најмалку 300 лица, додека светските агенции „Ројтерс“ и „АП“ пишуваат дека биле уапсени стотина луѓе.
Властите предупредија дека жестоко ќе одговорат на секој обид за одржување недозволени протести.
Пред само една недела полицијата уапси речиси 1.400 демонстранти, меѓу кои и рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.