Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, утрово во говор пред Европскиот Парламент застана во одбрана на шесте милиони британски граѓани кои ја потпишаа петицијата за останување во ЕУ.
– Не можете да ги предадете шесте милиони луѓе кои ја потпишаа петицијата за отповикување на членот 50, и милионот граѓани кои демонстрираа за „народно гласање“ и растечкото мнозинство луѓе кои сакаат да останат во Европската Унија – изјави Туск, алудирајќи на маршот кој се одржа во Лондон во саботата за останување во ЕУ, на кој учествуваа милион граѓани.
Туск порача дека тие граѓани „можеби не се чувствуваат доволно застапени од страна на Парламентот на Обединетото Кралство, но тие мора да се почувствуваат застапени од вас во овој дом, бидејќи тие се Европејци“, им порача европскиот претседател на европратениците.
Тој истакна и дека ЕУ треба да биде „отворена“ за долго одлагање на Брегзит доколку Британците сметаат дека им е потребно повеќе време за обмислување на нивната стратегија. Во тој случај, Британците би учествувале на претстојните избори за Европскиот Парламент.
Обединетото Кралство има до 12 април да се изјасни дали го одобрува договорот за повлекување од ЕУ, отфрлено двапати од страна на британскиот парламент, и да ја соопшти својата стратегија за Брегзит.